Закана за тронот? Оклахома го совлада и Мајами!

30.01.2014 11:23

Продолжува серијата на Тандер...

Продолжува серијата на Тандер, тексашкото дерби му припадна на Хјустон, Чикаго славеше на теренот на финалистот.
 
Кевин Дјурант постигна 33 поени, на 12 натпревари по ред има повеќе од 30, а неговата екипа со резултатски убедливата победа на теренот на шампионот (112:95) има втор најдобар учинок во лигата и се зацврстува на врвот на Западната конференција.
 
Иако Оклахома губеше со 22:4 на стартот на мечот, до крајот на натпреварот кошаркарите на Тандер стигнаа до 16/29 во обидите за три поени, а во еден период имаа и 25 поени позитива. Дјурант имаше солиден учинок од поле (12/25), зачинет со 7 скокови и со 5 асистенции. Ова беше 9-та последователна победа за Оклахома Сити, а и во поразот Кралот остана голем. Леброн Џејмс имаше 34 поени, со учинот 12/20 од поле, на кои што додаде по 3 скокови и асистенции.
 
Во Тексас владеат Рокетс, барем во последниве два дена. Пред налетот на Хјустон потклекна и Далас (117:115), откако во претходната рунда паднаа Спарс. Чендлер Парсонс беше најдобар стрелец кај победникот, со 26 поени. Двајт Хауард имаше 21 поен, Џереми Лин 18, а Џејмс Харден повторно не настапи поради повреда. Кај поразените, Дирк Новицки имаше препознатлива партија со 38 поени и со 17 скокови.
 
Спарс претпрпеа трет пораз по ред, што е нивната прва негативна серија сезонава, а доаѓа во мечевите со големите ривали. Домашниот пораз од Чикаго (96:86), се надоврза на гостинските кај Хјустон и кај Мајами.
 
Натпреварот на Атланта против Детроит е доложен, поради лошите временски услови во САД.
 
Резултати:
 
Мајами – Оклахома 95:112
Торонто – Орландо 98:83
Бостон – Филаделфија 94:95
Милвоки – Феникс 117:126
Минесота – Њу Орлеанс 88:77
Далас – Хјустон 115:117
Денвер – Шарлот 98:101
Сан Антонио – Чикаго 86:96
Сакраменто – Феникс 89:99
Клиперс – Вашингтон 110:103
Атланта – Детроит (одложено)