Претседателот Иванов повика на надминување на предизвиците во овие тешки моменти преку братољубие

10.08.2016 13:13

Да се помогне на ближниот како што налагал и Свети Климент- заштитникот на светата македонска црква. Ова шефот на државата го изјави при вчерашното одбележување на 11 века од упокојувањето на Светителот Климент во Охрид.

Во овие тешки моменти за населението, но и за самата држава, претседателот Ѓорге Иванов повика на надминување на предизвиците преку братољубие. Да се помогне на ближниот како што налагал и Свети Климент- заштитникот на светата македонска црква. Ова шефот на државата го изјави при вчерашното одбележување на 11 века од упокојувањето на Светителот Климент во Охрид.

Изразувајќи уште еднаш сочуство до настраданите и до семејствата на загинатите во невремето што се случи во саботата, Иванов нагласи дека неговите мисли се со неговите сограѓани во поплавените подрачја на Скопје, со семејствата кои ги загубија своите најблиски, со луѓето кои ги изгубија своите домови…

Порача дека треба да се следи примерот на Свети Климент и дека независно од етничката, јазичната, културната, политичката, социјалната или родова припадност, „треба меѓусебно да си помагаме особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија“.

Тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг… да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме по катастрофалните поплави, почитувањето на светиклиментовиот повик ни е повеќе од неопходно. Само така ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски, истакна во говорот шефот на државата.