Компаниите во поплавените подрачја претпреа огромни штети

10.08.2016 14:27

Повеќе од 15 милиони евра се проценките за штети од поплавите во економската зона „Сингелиќ“- велат бизнисмените. Бараат од владата механизам со кој ќе се олесни начинот на проценка на штети.

Поплавени хали и магацини, уништени роба и машини. Компаниите од местата кои настрадаа во големото невреме велат дека претрпеле огромни штети. Бизнисмените од економската зона Сингелиќ бараат во комисиите за процена да се вклучат и нивни претставници, луѓе од бизнисот.

Бизнисмените од овој дел на Скопје рекоа дека во магацините кои се простираат на околу 20 хектари, била сместена оцаринета стока, која по налетот на водата е речиси целосно уништена. Според нив, штетата изнесува над 15 милиони евра.

„Станува збор за увезена трговска роба, регистрирана во царинските служби во нашата земја, уредно платена според законите. Според нашата проценка целата роба е уништена, бидејќи висината на водата изнесуваше 2 мерти и 10 сантиметри, на вкупна површина од 20 хектари“, вели бизнисменот Нури Сулејмани.

Според Сулејмани, штети од невремето претрпеле над 400 компании од овој дел на градот со стотици вработени.

Во кругот на оваа фабрика функционира и ресторан, во кој во саботата за време на силното невреме имало свадба. Сите 140 луѓе биле извлечени навреме.

Големи штети од невремето имаше и по земјоделскиот род.

 

Дијана Ценевска