Се санираат штетите- работници, мештани, доброволци во акција

10.08.2016 15:14

Четири дена по катастрофата, жителите од погодените места сѐ уште мака мачат за справување со последиците од невремето. Работат деноноќно. Најдојдената вода се испумпува од домовите, домаќинствата етапно добиваат струја. Армијата формираше оперативен штаб во Стајковци со поефикасна координација на активностите за санација. Помошта пристигнува, се прават напори да пристигне до оние на кои им е најпотребна...

Работници, мештани, доброволци-  во Стајковци и Сингелиќ продолжува чистењето по невремето. Секој нов ден, ново сведоштво за страотниот порој. „Одвај спасивме жива глава“- Мумин Мемеди сведочи за голготата на неговото семејство.

„Се плашевме да не се сруши куќата... Седум луѓе на среќа ги префрлавме од еден во друг прозор и фала му на Господ се спасивме. Помош добивме од војската, и тоа благодарение на мои двајца братучеди што работат во војската, па нивната единица во два часот стигна со чамец да ги земат децата. Друга помош ни стигна после четири часот“, вели Мумин Мемеди.

Поради сѐ уште тешко проодниот пат, помошта стигнува бавно до оние на кои им е најпотребна.

„Тука почина чичко ми со мало внуче, две годишно дете- гледате, катастрофа е...“

„Сѐ е уништено... куќата, тракторите, камионот, колите, само ние се спасивме...“

„Волонтери дојдоа од Гостивар, фала богу има луѓе од сите страни доаѓаат да помогнат, но треба и државата повеќе да се организира, да помогне повеќе...“

„Три подруми досега исчистивме... ние сме од Македонски шуми од Куманово...“, велат граѓаните кои ги затекнавме.

За санирање на штетите претстои уште многу работа.

И по неколку дена видливе се трагите од големата поплава која го зафати скопскиот регион. Овде во Сингелиќ механизацијата е излезена на терен. Се обидуваат да ги санираат штетите. Сепак, се плашат од епидемии.

Несреќата ги сплоти луѓето од Скопско. Заблагодаруваат и за секаква помош.

„Вие сте прва телевизија што не посети, ви благодарам многу“, вели еден жител на Сингелиќ.

 

Миле Ристески