Жителите на Брњарци сами ги санират штетите, чекаат механизација

10.08.2016 15:48

Тешко се живее и во Брњарци, едно од местата кои настрадаа во невремето. Жителите сами ги расчистуваат калта и сметот, ги санираат штетите. Сѐ уште ја чекаат механизацијата. Струја немаат. Со вода се станбдуваат од цистерни и од хуманитарна помош. Сепак, многумина од нив велат дека се среќни, бидејќи останале живи...

Од трите рида се слеваше матна вода која носеше сѐ пред себе. Ме потсети на цунамито во Јапонија- раскажува Боби од Брњарци, едно од местата кои беа најпогодени од невремето. Боби со својата сопруга само неколку минути пред стравотната несреќа стасал дома. Водата му ги однела автомобилот и машините што ги купил неодамна за да почне бизнис. Сепак, вели оти е среќен, бидејќи спасил жива глава.

„Толку вода прв пат гледам, ме потсети на цунамито во Јапонија. Мислев дека и куќата ќе ја однесе. Толку страшна, матна, голема вода немам видено- носеше од горе трупци големи, сѐ живо што е пред нејзе“, вели Боби Спасовски, жител на Брњарци.

Славица невремето ја затекнало на нива. Засолниште нашла во продавницата. Четири часа оттаму го гледала ужасот на природата. Поплавен ѝ е домот.

„Кога доаѓав наваму, до половината бев во кал. Кога дојдов дома што да видам, од куќата вода тече, паркетот подигнат, што да ви кажам- крај...“, вели Славица Лазаревска, жителка на Брњарци.

Жителите на Брњарци сѐ уште не можат да си дојдат на себе по ужасот што го доживеаја. Сликата, велат никогаш нема да ја заборават.

„Само Господ знае што се случувало, не можеше да излезеш од дома, водата носеше сѐ пред себе“, вели Милан Петрушевски, жител на Брњарци.

„Страшно, неописливо- водата влегуваше од терасата во собите, тече на сите страни“, изјави Вела Јовановска, жителка на Брњарци.

„Страшно, страшно беше...“, вели Младен Димитриев, жител на Брњарци.

Овие луѓе се уште ја чекаат механизацијата, сами ги расчистуваат калта и сметот и ги санираат штетите.

„Сѐ сам, уште калта стои, песокта што ја донесе водата... подрумот уште е мокар, иако водата ја исфрливме“, изјави Благоја Николовски, жител на Брњарци.

Патот во селото е целосно уништен.

Три во еден- дожд, град и силен ветер. Вака жителите на Брњарци ја опишуваат сликата од невремето во саботата. Од асфалтот може да се види што останало.

Жителите на Брњарци велат дека проценителите за штета веќе два дена работат на терен, а очекуваат наскоро да стаса и механизација за да се поправат патот и каналот. Велат дека големи штети има на водоводната мрежа и на земјоделските култури. Сѐ уште немаат струја. Вода добиваат од цистерни, им се дели храна и флаширана вода.

Наташа Гркова- Петрушевска