Пристигнува помош за настраданите во Скопско

10.08.2016 16:12

Националниот младински совет на Македонија отвори повик за волонтери во поплавените подрачја. Повик до младите да се вклучат во акцијата. Хумани граѓани, компании, невладини организации, општини – испраќаат помош за настраданите. Од Црвениот крст, велат дека одат од врата на врата...

55 тони вода, 5.500 пакети со храна, 190 душеци, 356 ќебиња и 210 килограми облека. Се донира интензивно. Телефонските линии и жиро-сметката на фонд за солидарност се сѐ уште отворени. Досега се собрани над 13 милиони денари.

Како што доаѓа помошта од граѓаните, компаниите, невладините организации, општините, така се дели меѓу загрозените семејства.

„Се снаоѓаме, носат помош, помагаат.“

„Донации имаше, не можеме да се пожалиме, за јадење и пиење донесоа, туку потребно е нешто за хигиена и облека.“

„Ништо не ни остана, фала му на овој народ само што помага“, велат дел од загрозените семејства.

Апелот е- сите луѓе што имаат можност, да се вклучат во акцијата и да помогнат.  

„Пред два три дена голема беше потребата од храна и вода, сега тоа е покриено. Во моментот најпотребни се средства за дезинфекција, за лична хигиена, алати, лопати, чизми, ракавици, се она што е потребно за чистење таму“, вели Драган Додески, волонтер.

Од Црвениот крст велат дека помошта ја делат од куќа на куќа. Остануваат отворени пунктовите во Момин Поток и во основното училиште „Наум Наумовски- Борче“.

„Црвениот крст апсолутно делува согласно своите принципи, кои не прават разлика и не ги делат луѓето. Ние вчера доставивме помош во проблематичните делови, каде претходните денови имаше неорганизиран пристап на давање помош“, вели Саит Саитигенерален секретар во Црвен Крст.

Големи компании продолжуваат да се вклучуваат во хуманитарните акции. Компанијата Орка Холдинг ќе донира 3 милиони денари. Од Скопската Пиварница обезбедија 100 илјади евра.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска