Воз прегази жена во Прилеп

30.01.2014 12:01

Под неразјаснети околности во Прилеп синоќа животот го загуби 76 годишната Даница Мицеска...

Под неразјаснети околности во Прилеп синоќа животот го загуби 76 годишната Даница Мицеска. Нејзиното тело го пронашле соседите покрај железничката пруга во близина на сточниот пазар. На лице место увид извршија екипите на Итна медицинска помош, Јавен обвинител и полицијата. Според првичните претпоставки добиени од повредите кои ги констатираа лекарите Мицеска најверојатно била удрена од воз.

„Таа се здобила со тешки повреди на главата, имаше посекотина, скршеница и обилно крварење и починала веднаш покрај шините. Случајни минувачи настанот го пријавиле во Итната помош, наша екипа веднаш излезе на лице место, но за жал само ја констатираше смртта“, рече Гоце Јонзоски, началник на Итна помош Прилеп.

Роднините и соседите на Мицеска потресени од трагичниот настан не сакаа да дадат изјава пред камера.

Случајни минувачи кои пронашле телото настанот во итната помош го пријавиле во 21 часот, а се претпоставува дека до несреќата дошло во 19.30 часот кога на оваа релација сообраќа возот од Битола за Прилеп.

Јавниот обвинител Маријана Илиоска истакна дека најверојатно ќе биде побарана обдукција за да се утврдат точните причини за смртта на Мицеска.

 

Новинар: Дарко Штаргоски

Снимател: Илчо Димески