Водата во загрозените региони е безбедна за пиење

11.08.2016 15:17

Водата за пиење во загрозените региони од саботното невреме е бактериолошки и хемиски исправна- соопштуваат од Институтот за јавно здравје. Ова го покажале резултатите од серијата испитувања кои се вршеле во акредитирани лаборатории. Исклучок е Арачиново. Во селото сѐ уште нема вода, бидејќи се поплавени пумпите. Засега, нема појава на заразни заболувања...

Жителите од подрачјата зафатени од поплавите можат да ја пијат вода од чешмите. Лабораториските анализи покажале дека водата од водоводната мрежа е бактериолошки и хемиски исправна. Од Институтот за јавно здравје велат дека исклучок е само село Арачиново. Таму се уште нема вода поради поплавените пумпи.  

„Го известуваме населението од загрозеното подрачје во скопскиот регион, н. Ченто, н. Сингелиќ - економија, с. Сингелиќ, с. Црешево, с. Стајковци и с. Смилковци дека водата за пиење од водоводната мрежа со која управува и редовно ја контролира ЈП „Водовод и канализација“ -Скопје е безбедна и може да се користи за пиење“, изјави проф. д-р Михаил Кочубовски, Институт за јавно здравје.  

Лекарите велат, засега нема појава на заразни или на други заболувања. Медицинските тимови се на терен.

„Остануваат основните препораки за пиење безбедна вода, хигиена на рацете, одбегнување на консумирање зеленчук и загадена храна од поплавените подрачја, а во случај на здравствени проблеми, особено при појава на пролив и повраќање или кожени промени граѓаните да побараат лекарска помош во најблиската здравствена установа“, нагласува д-р Кочубовски.

Патронажни тимови ќе ги посетуваат домовите на хронично болните во полавените подрачја. Ќе ги прегледуваат, и ако треба ќе им ја дадат и соодветната терапија.

„Има ситуации да дел од терапијата од поплавата е уништена, луѓето се соочуваат и со такви проблеми. Станува збор за хронично болни лица, повеќето од нив се постари. Одлучивме како Министерство за здравство дека е потребно да се посетат во нивните домови“, изјави Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здравство. 

Надлежните велат дека е почната дезинфекција на куќите кои се расчистени од поплавата. Ќе се прска и против комарци.

 

 

Андријана Атанасовска