Во Црешево состојбата постепено се нормализира

11.08.2016 15:42

Постепено се нормализира состојбата во селото Црешево. Жителите добија електрична енергија. Сега, главни потреби во ова населено место се пумпи за вода, како и механизација за расчистувањето на патот, за брзата помош да може да влезе во селото...

Во најголемата вода тргнал да ги спасува родителите кои ја ваделе бавчата под селото. Знаел дека го ризикува сопствениот живот, но не можел да остане мирен дома. Приказната за потрагата по најмилите на овој човек од Црешево- нема среќен крај.

„Се вратив, не можев сам. Го викнам зет ми, со јаже се држевме еден за друг. Некако поминавме кај што беше протокот, водата кај што беше голема. Татко ми го најдов жив, мајка ми- почината. На грб ја донесов до дома, татко ми го спасив... мајка ми не можев…“

Дека силните врнежи од град ќе донесат убиствена бура, не се посомневал никој. Да ја спаси слепата мајка или да го брани од природата домот што го граделе цел живот. За борбата на Влатко сведочат и инфекциите како последица на калливата вода која навлегла и во повредените раце од дваесетгодишната дијализа.

„Тука горе паднаа каблите, се качив за да скинам жица бидејќ цел кров ќе ми ја однесеше, се повредив на раката и на ногата... инфекција имам некоја бидејќи сум на дијализа, па ќе видам што ќе ми каже докторот“, вели Влатко.

Модринките од повредите избледуваат, физичката пресметка на улиците со природата останува само лош спомен.

По невремето што го зафати скопскиот регион, животот во село Црешево се нормализира. Патиштата се проодни, полицијата го контролира теренот.

Луѓето самите си се тешат дека ќе си ги вратат животите за кусо време.

„Народот треба да биде пострплив, ние сакаме се да се среди за 24 саати. Секој има стресови. Мора да има толеранција меѓу себе за да се среди се“, вели еден жител на Црешево.

Кога ќе помине бурата, останува само шокот. Сега жителите на Црешево се борат со стравот кој уште долго ќе ги остава без сон.

 

Игор Панов