Тешка механизација на КФОР помага во расчистување на теренот во скопско Стајковци
Тешка механизација на КФОР влезе во скопско Стајковци за да помогне во расчистувањето на теренот. Багери, пумпи, цистерни, камиони- ова е сликата од населените места кои настрадаа во невремето. Армијата координира од тактичко оперативниот центар. Комисии на терен ја проценуваат штетата...

Машини, кипери, техника за превоз, санитетска екипа- конвојот на КФОР од изутрината преку скопската обиколница влезе во Стајковци. Механизацијата се распореди на најкритичните точки.
Со помошта од КФОР, началникот на генералштабот, Величковски очекува побрзо да се расчисти нередот штo го остави зад себе саботното невреме. Сѐ уште се трага и по исчезнато девојче.
Тешко се оди по улиците полни со наноси од кал, но стигнавме до жителите кои беа први на удар од невремето. Низ солзи семејството Чепленски ни ја раскажа својата приказна. Велат, за една минута, нивниот хармоничен дом се претворил во урнатини полни со фекалии.
Пет дена жителите на Стајковци живеат со мислата дека природната сила им зеде сѐ што граделе цел живот. Армијата деноноќно е со нив. Речиси и да нема куќа, двор или улица каде што не се помага, но ќе треба време за да се исчисти она што го остави поплавата.
Покрај вода и храна, во Стајковци се неопходни средства за дезинфекција, пелени, лекови. Во моментов жителите на Стајковци најмногу стравуваат од појава на заразни болести, велат- температурите растат, а со тоа се зголемува можноста за појавување на епидемија.
Десеттина тимови од Министерството за земјоделство се на терен- за најкус рок велат надлежните ќе биде завршена процената на штетите што ги претрпеа земјоделците. Од Агенцијата за храна пак велат дека угинатите животни веднаш се отстрануваат, теренот ќе се дезинфицира откако ќе биде целосно исчистен и сув.
Цела Македонија се вклучи да им помогне на настраданите. Помош пристига и од соседството. Институции и доброволци се обидуваат да го вратат животот во нормала на погодените од поплавите.
Викторија Милевска
