Реал Мадрид – Макаби, дуел на гигантите
Во кошаркарската Евролига, вечерва се играат четири натпревари од 5 – то коло.

Во кошаркарската Евролига, вечерва се играат четири натпревари од 5 – то коло. Два се во рамките на ’’Е’’ групата, во која, бранителот на трофејот Олимпијакос, ја пречекува Уникаха Малага. Во претходните две кола, двата тима остварија по две победи. Во вториот дуел, Емпорио Армани му е домаќин на Фенербахче Улкер, во кој настапува Лестер Бо Мекејлеб. Италијанците се со половичен ефект досега, а турскиот состав ќе влезе во натпреварот, со една победа и три загубени натпревари.
Дербито на вечерта е во Мадрид, каде што во ’’Ф’’ групата, во пресметката на гигантите, осумкратниот континентален шампион Реал, го пречекува Макаби Тел Авив, кој досега има 5 европски круни. ’’Кралевите’’ имаат само 1 пораз досега, а Макаби е лидер во групата, и сеуште непоразен, по 4 одиграни кола. Во вториот вечерашен натпревар, уште еден великан на кошарката, ЦСКА Москва, која има 6 европски титули, ќе му гостува на ’’хитот’’ на сезоната, германскиот Баерн Минхен. Русите имаат 3 победи, и само еден пораз, а Баварците се со половичен ефект во претходните 4 кола.
