Дистрибуирани 14.000 пакети храна, потребни се хигиенски средства
Досега приоритет биле водата и храната и оти информациите од терен говорат дека отсега ќе бидат потребни средства за дезинфекција...

Црвениот крст на Република Македонија досега има доставено околу 14 илјади пакети со храна во поплавените подрачја кои беа зафатени од саботното невреме, а веќе од денеска се планира интензивна дистрибуција на хигиенски средства.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити во интервју за МИА истакнува дека имаат доволно резерви на храна, хигиенски средства, ќебиња, душеци и се што е потребно.
Заклучно со денешниот ден имаме поделено околу 14.000 пакети со храна, поделивме околу 2.500 ќебиња, околу 600 душеци, околу 400 - 500 кила облека за луѓето, поделивме средства за хигиена, за дезинфекција. Поделивме колички за инвалиди, како и помагала за стари лица. Тоа се работи кои другите организиции не ги гледаат и не ги забележуваат. Во меѓувреме посетувавме стари лица, изнемоштени, кои хронично се болни. Нашите медицински тимови им вршеа преврски и мерење притисок, шеќер итн. Тоа се прави и во моментот. Работевме следејќи ги приоритетите на луѓето, вели Саити.
Тој напоменува дека досега приоритет биле водата и храната и оти информациите од терен говорат дека отсега ќе бидат потребни средства за дезинфекција.
Саити истакнува дека имаат и прилив на дополнителни донации од повеќе фирми од Македонија, како и од странство.
