САД: Манипулација со разузнавачки податоци за ИД

12.08.2016 12:03

Американски воени претставници презентирале премногу оптимистички резултат од напредокот на САД во борбата против Исламска држава, се наведува во извештајот што го објави синоќа Конгресот...

Од средината на 2014-та,  до средината на 2015-та година службеници во командата на силите на САД на Блискиот Исток, манипулирале со разузнавачките податоци за да ги потценат заканите на Исламска држава. Во извештајот, нарачан од Конгресот, а објавен вчера, се наведува дека оние што имале пристап и ги читале податоците за случувањата на терен, постојано имале оптимистичка слика за успесите во операцијата против ИДИЛ. Централната команда лажно преставувала розова слика за борбите на Вашингтон во Ирак и во Сирија. 

„Добиваме информациите од талентирани професионалци, со кариера во внатрешноста на аналитичкиот центар. Тие ја работат својата работа прецизно со детален приказ за тоа што се случува на терен. Но кога информациите ќе пристигнат на повисоко ниво, тие се сменети“, изјави Мајк Помпео, конгресмен од Републиканската партија.

Според конгресмените, ваквите манипулации со податоците за постигнатото во борба против засега најголемата терористичка закана во светот, можеле  да ги изложат на опасност животите на американските војници.

„Кога испраќаме млади мажи и жени да се борат за нашата земја, на нив треба да им се обезбедат информации за тие од другата страна“, вели конгресменот Помпео.

Околу 40 насто од аналитичарите во командата велат дека биле под притисок „да кријат или да пропуштаат“ разузнавачки податоци.

 

Маријана Димовска