МПЦ-ОА ќе формира солидарен фонд за поплавените

12.08.2016 15:00

Македонската православна црква- Охридска архиепископија формира солидарен фонд. Пари ќе собира клирот на црквата, акции во храмовите и манастирите, во епархиските центри. Средствата ќе се распределат меѓу настраданите од саботното невреме...

Македонската православна црква- Охридска архиепископија ја започнува втората фаза помош за настраданите во минатонеделните поплави. На координативниот состанок во архиепископијата решено е да се формира солидарен фонд во кој финансиски ќе партиципира целокупниот црковен клир, храмовите, манастирите и епархиските центри.  Во црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, покрај за социјално ранливите граѓани ќе се подготвуваат до 200 оброци кои ќе бидат дистрибуирани меѓу настраданите од поплавите.

„Апелираме до сите добронамерните, поединци и компании, доколку можат да донираат прехрамбени продукти до црковната кујна, кои потоа ќе можат да се готват и да се дистрибуираат до населените места“, вели отец Бобан Митевски.

Отец Митевски денеска три пати беше во реонот на Стајковци и Сингилиќ. До Црвениот крст достави над 1.400 пакети храна за бебиња. Тој потенцира дека дел од свештениците беа активно вклучени на терен за расчистување и помагање на поплавеното население.

„Седењето дома и коментирањето не е толку важно зошто црквата е постојано со народот.  Малку е неразумно да седиме дома и да чекаме социјалните мрежи да ни пренесат нешто дали е така. Оној кој што сака да дознае дали црквата нешто работи, ќе дојде во некојо храм, ќе запознае некој свештеник, ќе се расапраша подобро, па потоа ќе суди и расудува околу тоа“, вели отец Митевски.

И досега МПЦ- Охридска архиепископија беше активно вклучена на терен со дистрибуција на храна, облека и хигиенски средства.

 

Миле Ристески