Нема заработка на туѓа мака: Владата донесе одлука против злоупотребата на трговците

12.08.2016 15:34

Вода, свежи, гумени чизми, лопати, маски... Повеќе нема заработка на туѓата мака. Владата донесе одлука- определена е максимална цена на дел од производите во трговијата на мало, кои им се најпотребни на луѓето од погодените места од поплавите. Ваквата реакција доаѓа откако инспекторатот констатирал злоупотреби...

Цените на флашираната вода, заштитните ракавици и маски, гумените чизми, свеќите за домаќинсво и средствата за дезинфекција да се вратат на истото ниво од 5-ти август, ден пред ставотните поплави. Од Владата велат дека ја донеле одлуката за да спречат заработка на туѓата мака. Пазарниот инспекторат открил злоупотреба кај цената на производите кои се најбарани по големото невреме.

Со враќањето на цените на нивото од 5-ти август 2016 година, не се нарушува правото на трговците за самостојно формирање на цени, бидејќи истите тогаш биле формирани самостојно, велат од Владата.

Граѓани за МТВ велат дека не треба да се користи несреќата на луѓето за да се оствари профит.

„Мислам дека е исправна одлука и дека треба цените уште да се спуштат, а не да се покачуваат.“

„Луѓето се наоѓаат во тешка ситуација, немаат струја, вода, леб... а тие во тешките моменти сакаат да заработат на нивната мака“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

И организацијата на потрошувачи смета дека ваквата одлука е оправдана, .

„Баравме од трговците да бидат повнимателни, односно да ги намалат самите цени. Обично доаѓа до ситуација кога трговците не ги намалуваат, па оваа мерка на Владата е добра, ние тоа и го баравме, па би требало сега и граѓаните да знаат за оваа мерка, самите да вршат проверка и да не дозволуваат плаќање на повисоки цени“, изјави Маријана Лончар- Велкова, претседател на Организација на потрошувачи.

Доколку се фати трговец кој не ги вратил цените, тој ќе биде казнет од Државниот пазарен инспекторат.

„Доколку се јават нелогични цени или енормно зголемување на цените, ги охрабрувам граѓаните да се јават во Пазарниот инспекторат и да бидат сигурни дека Инспекторатот ќе излезе на терен за тоа да го регулира. Со оваа одлука на некој начин веќе му дадовме право на Пазарниот инспекторат и другите инспектори да вршат надзор и да казнуваат доколку има нелогични цени односно енормно зголемување“, изјави Кристијан Делев, заменик- министер за економија.

Според правилникот за не почитување на одлуки, казните се големи.

 

Наташа Гркова- Петрушевска