Стотина засолнети во прифатни центри, пристигнува хуманитарна помош
Невремето го промени животниот пат на многу луѓе. Наместо во своите домови, ноќите ги минуваат во прифатните центри. Деца, мајка, возрасни- сите под еден покрив. Црвениот крст продолжува да испорачува помош за настраданите. За утре, преку социјалните мрежи, се организира голема акција за расчистување на теренот на критичните точки...

Прифатните центри станаа дом за повеќе жители на Стајковци, Синѓелиќ, Економија. Се навикнуваат на новата реалност, откако поплавите им ги уништија куќите. 45 се во „Партенија Зографски“, меѓу нив има мајки и деца. 102-ца, претежно возрасни, се во „Сенич“, шестмина во „Ранка Милановиќ“.
„Не знам колку долго ќе останеме овде... ги имаме потребните услови, се што треба имаме“, вели Есат Мемоторски.
Во прифатните центри се носат храна и вода, средства за хигина, облека и обувки. Донации простигнуваат од сите страни, им се помага и на луѓето кои не ги напуштија своите домови.
„Видовме одредени слабости, пропусти првите денови. Оценивме дека таквиот начин ан функционирање, преку пунктови на терен, не е баш најсоодветен и веќе наредниот ден преминавме на дистрибуција на помошта од куќа до куќа. Тоа логистички е потешко, но важно е да стигнеме до секого, се обидуваме тоа да го направиме“, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст.
Волонтери растовараат пакети, ја подготвуваат помошта за испорака.
„Стигнуваат шлепери од Турција, од Словенија, се носи вода, конзерви...“, вели еден волонтер.
Помагаат и студентите.
„Учествуваа повеќе студентски организации, дел од нашите луѓе тргнаа да носат дел од донациите, а сега со организираниот превоз на ЈСП ќе одиме во загрозените подрачја да помогнеме во расчистување на теренот“, изјави Давор Поповски, претседател на Студентскиот парламент.
Во акцијата е вклучен и приватниот сектор.
„Дониравме пелени и влажни марамици за најмалите и најмилите кои се во загрозените подрачја. Преку 1.000 пакувања пелени се донирани и во Црвен Крст“, вели Билјана Спасевска, менаџер во приватна компанија.
14 илјади пакети со храна, околу 2 илјади ќебиња, 500 душеци и околу 600 килограми облека. Црвениот крст продолжува со хуманитарните ативности.
Граѓани, волонтери, неуморно сѐ уште помагаат, донациите ги доставуваат онаму кадешто е напотребно. Телефонските линии и жиро сметката се сеуште отворени, досега се собрани над 32 милиони денари.
Ана Јосифоска- Тодоровска
