Комисија за заразни болести: Нема шуга во поплавените подрачја
Комисијата за заразни болести апелира- децата до 14 години, бремените жени, луѓето со инвалидитет, со пречки во развојот, луѓето кои одат на дијализа, хемофиличари, хронично болните и возрасните од поплавените места да ги напуштат своите домови и привремено да престојуваат кај роднини и познајници. Времената превентивна мерка се носи за заштита на нивното здравје, за да се преверенираат појава и ширење на заразни заболувања...

Нема појава на шуга во поплавените подрачја, но забележани се само цревни инфекции и кожни алергии- велат од Комисијата за заштита од заразни болести. Препорачуваат луѓето од ранливите категории да ги напуштат домовите и привремено да престојуваат кај роднини или познајници, за да се заштитат и да се спречи ширење на заразни заболувања. Дел од граѓаните веќе ги напуштија домовите.
„Да бидат во подобри услови, на посигурно поудобно место, да можат да добиваат здравствена заштита, навремена исхрана, а и да се заштитат од заразни заболувања бидејќи тие се ранливи групи. Ова ќе биде само за период од недела- две додека не им се санираат домовите, додека не се расчистат улиците, за да можат да се вратат во чисти и безбедни услови“, изјави д-р Јованка Костовска, Комисија за заразни болести.
И од детската амбасада „Меѓаши“ апелираат ранливите групи да се евакуираат од загрозените подрачја
„Нашите медицински екипи кои беа пратени на ова подрачје детектираа можност за појава на шуга и други заболувања. Успеавме да убедиме една трудница, заедно со уште една трудна жена со едно месечно бебе да се евакуираат“, вели Жарко Змијанац, детска амбасада „Меѓаши“.
Се чистат улиците и куќите, почна да се прави и дезинфекција.
„Започна процесот на дезинфекција, околу една четвртина во текот на вчерашниот ден беше завршена во Стајковци, а очекувам околу три четвртини да бидат завршени во текот на денешниот ден ќе се продолжи и утре“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Лекарите апелираат граѓаните да одржуваат лична хигиена, ако имаат потреба веднаш да заминат на лекар.
Андријана Атанасовска
