Механизација го расчистува теренот во поплавените места, АРМ соработува со КФОР
Во Стајковци се подобрува инфраструктураната слика. Армијата во координација со австрискиот контингент на КФОР го расчистуваат теренот. Почна да се врши дезинфекција во поплавените подрачја. Се собираат сметот и калта, но сликите од стравотното невреме не можат да избледат во сеќавањето на жителите...

И по пет дена од трагедијата во Скопско, не пресушија солзите на очајните жители. Апокалиптични снимки од библиската поплава во Смилковци и Стајковци, каде што семејства си ги загубија најмилите.
„Зарем остана нешто да се очекува. Погледнете ја куќата... мајка ми ја нема, баба ми ја нема“, вели Надица Трпеска, ќерка и внука на загинатите.
Прво на удар на водниот бран било село Смилковци. Животните приказни се редат, се спасувале кој како знаел и умеел, се избирало меѓу животите на добитокот и сопствените.
„Ќе се удавеа кравите, одвај ги собрав навака, вода до половина имаше, одвај дојдов...“, сведочи жител на Смилковци.
Но, животот е неумолив, посилен е од загубата, и жителите и организациите, институциите, невладините, обичните граѓани од другите краишта на земјава даваат се од себе во справувањето со последиците од поплавата. Погодените места наликуваат на градилишта во која македонската армија ги координира и ги спроведува одлуките на кризниот штаб.
Врвулица од луѓе, волонтери, доброволци од сите страни од земјава и од околние земји. Македонската армија и македонската полиција на терен- сите инфомрации се слеваат во тактичко- оперативниот центар од каде понатаму се координираат сите активности во најзагрозеното подрачје.
Зрак надеж во расчистувањето на теренот- најавена е дезинфекција на исчистената патна инфраструктура. Меѓуармиски, се координира соработката со австрискиот контингент на КФОР пристигнат од Косово, тим од 20 инженерци со 8 возила.
„Наша задача е чистење на главниот пат, има приоритет, потоа околните улички и да го однесеме целото ѓубре што го носат луѓето надвор од местото што поскоро. Соработката со македонската армија е одлична, се обидуваме да помогнеме на секој начин“, изјави Стефан Вебер, контингент КФОР од Австрија.
Сепак, претстои уште работа и мака со која се соочуваат жителите. Крикот за помош е секојдневие, а мобилноста на армијата овозможува итност во интервенциите.
„Имам три мали деца, ги однесов кај мајка им таму да седат...“, изјави жител на Стајковци.
„Војна полиција дојде ме зеде, ме однесоа на брза помош, директно во 8-ми Септември на апарати“, сведочи жителка на Стајковци.
„Ги обиколуваме четирите пунктови, местата кои се најмногу зафатени од поплавите, и како мобилна екипа сме на повик“, изјави мајор Лариса Оранска, лекар во АРМ.
Во моментов, македонската армија дејствува и ги извршува задачите во три кризни региони во земјава. Се справува со нелегалната миграција на јужната и на северната граница, како и со последиците од поплавите во тетовскиот и во скопскиот регион.
„Армијата има разработено повеќе оперативни планови, што не би наштетило на ниту една наша задача и во редовно извршување на задачите кои ги има АРМ за заштита на границата, а воедно и тука во санирање на последиците од поплавата“, изјави потполковник Тони Јаневски, портпарол на ГШ на АРМ.
Неколку стотици припадници на армијата деноноќно одговараат на повиците за помош каде што е најпотребно во погодените подрачја. Во битката со времето и со последиците, метар по метар ја расчистуваат натрупаната кал од главните и споредните улички во стајковци. Целта е да се пробие патот за да им се помогне на сите загрозени.
Зоран Богатинов
