Украина

ЕКСКЛУЗИВНО ОД КИЕВ: Без избори и оставка на Јанукович нема повлекување

30.01.2014 13:32

Граѓаните и опозицијата остануваат на своите упоришта. Нема промена на улиците на Киев откако синоќа ...

Граѓаните и опозицијата остануваат на своите упоришта. Нема промена на улиците на Киев откако синоќа Параламентот го усвои пакетот за амнестија на уапсените демонстранти во неодамнешните немири. Но тоа не е доволна отстапка. Протестите продолжуваат се додека претседателот Виктор Јанукович не се повлече од функцијата и не распише избори. Реакциите на Витали Кличко и Олег Тјагнибок навестуваат можни нови насилства. 
 
„Народот веќе не се плаши, знае дека се бори за земјата, за својата иднина. И ќе победиме, сигурни сме. Без борба нема победа“, порача Витали Кличко, опозициски лидер од „Удар“.
 
„Реално, Парламентот ги укина законите од 16. јануари, но за да стапи тоа во сила, потребен е потпис од претседателот. А неговиот потпис го нема“, изјави Олег Тјагнибок, опозициски лидер од „Слобода“.
 
Претседателот од денеска е на боледување, информира неговиот кабинет. Имал акутна респираторна болест и треска. Претходно во допис до јавноста изрази жалење до семејството на полицаецот кој загина изутрината во обид да воспостави јавен ред.
 
Опозициските лидери имаат проблем да се договорат кој е предводник. Луѓето се збунети, вели Игор Бигун од невладината Евромајдан која практично ги почна протестите уште во ноември лани. Амнестијата не е  никаков успех ако нема реална уставна промена, вели тој.
 
„Со усвојувањето на законите, нашите власти се однесуваат како терористи, затоа што прво апсат луѓе, а потоа диктираат свои услови. Треба да овозможиме нови претседателски избори, да ги обновиме преговорите за асоцијација со Европската унија и да се вратиме на уставот од 2014, кога имавме парламентарна и претседателска република“, вели Бигун.
 
Македонците што живеат во Украина се сигурни дека ситуацијата ќе заврши без нови насилства. Така размислува Милош Спасиќ, роден скопјанец кој од свои седум години живее во Киев.
 
„Ова што се случува некој сака да ја раздели Украина, Проруска и проевропска Украина, а тоа што се случува револуција, тоа е едно мислење на народот што му е здосаден прорускиот режим останат од Советскиот сојуз“, вели Милош Спасиќ за МТВ.
 
На централната бина во центарот на Киев кадешто со лисици се протестира и се обраќаат опозиционерите денеска се појави и македонското знаме. Луѓето што го обезбедуваат просторот рекоа дека ова е мал знак на благодарност за поддршката што ја даваат македонските граѓани, на како што велат тие, нивната револуција. 
 
Душко Арсовски – специјален известувач на МРТ од Киев