Први септември носи нова главоболка за раселените и за властите
Почетокот на учебната година ќе ги врати студентите и учениците во Скопје, а жртвите од поплавите ќе мора да бидат сместени на друго место. Надлежните смируваат дека нема да останат на улица...

Стотина раселени од први септември повторно во неизвесност, каде ќе се вдомат откако студентите и учениците ќе се вратат во собите во кои во моментот престојуваат. Почетокот на училишната година за жртвите од поплавите создава нови главоболки.
„Има услови тука, меѓутоа кратко ќе бидеме, до 31-ви“, вели жителка на Стајковци.
„Добри се условите, храна има три пати на ден, спиењето е добро, купатиоло има, арно ама, не плаши тоа што кратко ќе бидеме тука“, додава жителка на Стајковци.
„Ние сме задоволни, ама секој ден сме стресни“, вели жителка на Економија.
Надлежните велат дека нема да ги остават на улица. Се разгледуваат сите опции. Овие лица до 31-ви месецов ќе треба да ги ослободат собите во ученичките и студенските -домови.
„Дали државата ќе најде начин да ги смести на друго место, дали можеби она што ќе може да се санира до 31-ви, ќе овозможи дел од лицата да се вратат. Како и да е, останува тој проблем кој треба да се реши заеднички, нехумано е да се остават луѓето надвор на улица. Ќе се работи на тоа да се најде згрижување“, изјави Милисав Јовановски, ученички дом „Партение Зоографски“- Скопје.
Бројката на луѓе кои доаѓаат за престој во континуитет се зголемува.
До моментов 57 жители од поплавените региони се згрижени во ученичкиот дом „Партение Зоографски“.
Деца, возрасни, стари лица. Националноста, верата и возраста се различни на луѓето кои овде ја делат истата судбина и копнеат по истата желба- никогаш повеќе да не се повтори.
Наташа Гркова- Петрушевска
