90 насто од штетите од пополавите се проценети, жителите ќе бидат целосно обесштетени

15.08.2016 15:27

90 проценти од штетата од невремето се проценети – велат од Бирото за судски вештачења. Жителите ќе бидат целосно обесшетети. На терен се тимови од центрите за јавно здравје за да извршат дезинфекција. Се прска и против ларви од комарци. Инфектолозите велат дека нема појава на заразни заболувања...

Деведесет проценти од штетата што ја остави невремето е проценета - велат од Бирото за судски вештачења. Проценителите го запишале уништениот имот и покуќнина на илјадници семејства. Тимовите се во Сингелиќ и Стајковци.

Се вештачат и уништени возила.

„Досега имаме направено повеќе од 2.500 увиди, значи толку домаќинства се посетени, а извршен е увид на повеќе од 700 возила. Помалите места се завршени, останаа уште Сингелиќ и Стајковци. Денеска планираме 90 насто од увидите да бидат завршени. Се надеваме дека утре, најдоцна до среда да бидат завршени сите увиди за процена на штетата“, изјави Дени Ѓорчевски, директор на Бирото за судски вештачења.    

Тимови од Центрите за јавно здравје ги дезинфицираат домовите што се исчистени. Завршени се околу 1.350 домаќинства. Се прска и против ларви од комарци.

„Направена е ларвицидна дезинсекција на езерото Смилковци на површина од 30 хектари, тука е вклучен и одводниот канал кој завршува кај село Стајковци. Во моментов се врши ларвицидна дезинсекција на Железарските езера“, изјави Зоран Чаневски, Центар за јавно здравје.

Во процесот на дезинфекција, но и за нормализирање на животот во најпогодените подрачја помагаат и волонтерите. 

„Имаме 120 луѓе на терен, 50 се во Стајковци, другите во Сингелиќ. На терен имаме и механизација, трактори. Од нашата фирма има и луѓе во амбулантата. Донесовме и апарати за дезинфекија, ќе поминуваме во куќите, сега ќе ни дадат распоред од каде да почнеме да дезинфицираме“, вели волонтер од лозарство „Зегин“.

Нема појава на заразни заболувања - велат инфектолозите.

„Сѐ уште доминираат лица кои се повредени и оние коишто имаат потреба од анитетанусна заштита. Се регистрираат и лица со цревна симптоматологија, но таа бројка не укажува на помасовна појава на заболувања од овој тип“, вели проф. д-р Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Останува апелот луѓето од ранливите категории, децата, бремените жени, хронично болните - привремено да ги напуштат домовите, се додека не се санираат штетите.

 

Андријана Атанасовска