Волонтери од цела Македонија несебично помагаат на загрозените

15.08.2016 15:31

Во поплавените места во Скопско интензивно се спроведуваат акции за расчистување на теренот. Волонтери од цела Македонија доаѓаат во помош на месното население. И по девет дена од стравотното невреме, има уште многу работа – да се извади калта од домовите и од дворовите, да се острани шутот и сметот, да се пробијат сите улички кои водат куќите...

Последни подготовки на средсело. Лопатите на рамо и се тргнува на работа. Стајковци чиниш е Македонија во мало. Нема место од каде што нема волонтери кои дошле да помогнат на загрозените семејства.

„Ете некако од срце и душа чувствувам дека морам да им помогнам на луѓето. Доста денови поминаа, и газдите се веќе изморени, изнемоштени... Со елан работата да ја завршиме“, вели еден волонтер.

„Многу е битна човечноста“, додава друг.

Сѐ уште се изнесува надојдената кал од домовите, од дворовите и околните ниви. Се завршува еден објект, се оди веднаш во друг. Волонтерите велат дека човечноста пред сѐ ги натерала да помогнат на настраданите.

„Кога е добро кој бара помош? Секој бара помош кога е тешко... Кога знаеш дека треба да им се помогне на луѓето, дека е направена голема штета, не е тешко“, вели еден волонтер.

„Секој ден доаѓаме тука, помагаме каде што има потреба. Вчера бевме на 11-та улица, денес тука на 18-та... Да не те лажам, ама можеби 10 кубици кал исчистивме“, додава друг.

„Чест и задоволство треба да ти биде да помогнеш“.

Поплавените сопственици пак на домови благодарни се за секоја помош и фрлена лопата кал или отпад од домот.

„Фала им што дошле да помогнат, инаку сам што можам да направам овде“, изјави сопственик на куќа.

Волонтерите остануваат во поплавените подрачја. Велат и да заминеме дома, утре повторно сме на помош на загрозените граѓани.

Повеќе од една недела, во Стајковци и Сингелиќ каде што се случија и најголемите поплави во Скопско, се чувствува хуманоста. На секој чекор волонтери помагаат на загрозените жители.

 

Миле Ристески