Расте бројот на држави што испраќаат помош

15.08.2016 15:37

Конзервирана и бебешка храна, пелени, средства за хигиена и за дезинфекција- ова се главните потреби на населението од погодените места од невремето. На сметка на фондот за солидарност се донирани над 35 милиони денари. Пристигнува помош и од регионот и од државите кои се вклучени во Европскиот механизам за цивилна заштита...

Десетина земји најавиле нова помош која ќе биде доставена преку европскиот механизам за цивилна заштита. Надлежните информираат дека денеска пристигнаа пакети со храна за бебиња, средства за дезинфекција и опрема за работа од Унгарија.

Од Црвениот крст велат дека досега дистрибуирале над 20.000 пакети со храна, 18.000 дневни оброци, 9.500 топли оброци, како и големи количества млеко и јогурт, 2.820 пакети за хигиена, постелнина, облека, пакети со пелени и друга опрема до домовите на настраданите во поплавите, како и до прифатните центри во кои престојуваат загрозените лица.

Апелираат дека во моментов е неопходно да се донира конзервирана храна, храна за бебиња и пелени, средства за хигиена и дезинфекција, опрема за расчистување на отпадот од домовите.

Досега на сметката на фондот за солидарност се донирани над 35 милиони денари, кои ќе бидат директно префрлени на сметките на семејствата што беа погодени од водната катастрофа.  

 

Игор Панов