Втор испитен рок за државна матура

15.08.2016 15:44

Втора шанса за матурантите кои не успеаја да положат државна матура во јунската сесија. Неделава ја почнаа со тестирање по мајчин јазик и литература. Учениците велат дека добро поминале. Во исто време, почна и пријавувањето за упис во прва година на факултет на универзитетите во Битола, Штип и во Охрид. Пријавувањето за студии на скопскиот „Свети Кирил и Методиј“ почнува в четврток...

Втора шанса за матурантите кои не ја положија државната матура. Почна вториот испитен рок. До четврток матура ќе полагаат оние кои во јуни не биле тестирани или не успеале да положат некој од преметите. Пријавените кандидати решаваа тест по мајчин јазик и литература. Велат дека поминале лесно.

Скопските матуранти државната матура ја полагаат во гимназијата „Јосип Броз – Тито“. Тестирањето почна навреме. Според директорката Татијана Стојанова – Дуева, секоја година е сѐ помал бројот на кандидати што полагаат во август.

Во вторник полагаат матурантите кои одбрале странски јазик, в среда ќе се спроведе испитот по математика. Последниот ден се испитите по другите предмети.

Во агустовскиот испитен рок се пријавиле 1.802 ученици. Испитите по сите предмети почнуваат од 10 часот и се реализираат на 11 локации во земјава.

Денеска е и пријавувањето за упис во прва година додипломски студии на три државни универзитети во Битола, Штип и во Охрид. Уписите во Тетово се во вторник, а на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ в четврток и в петок.

Има 24.356 места, од кои 13.536 за редовни студенти во државна квота, 7.327 места со кофинансирање и 3.493 слободни за вонредни студенти.

 

Сунчица Николоска