Иванов: Потребни ни се лидери за во иднина, но и за сегашноста
„Потребни ни се лидери за во иднина, но и за сегашноста“ – порача претседателот Иванов на отворањето на седмата Школа за млади лидери во Охрид. Според Иванов, секоја криза е можност за нови решенија и концепти, за нови визии. Школата за млади лидери со 45 учесници и 28 предавачи ќе трае до 26 август...

Живееме во време на големи промени, предизвици и кризи, но секоја криза е можност за нови решенија, шанса за нови концепти и визии – рече претседателот Ѓорге Иванов на отварањето на седмата школа за млади лидери што под негово покровителство се оддржува во Охрид. Иванов додаде дека школата е наменета пред се за лидерите на иднината, но и за оние од сегашноста кои низ целиот живот ќе се соочуваат со потребата да помагаат, да нудат решенија и да ја истакнуваат својата креативност и иновативност.
Поранешниот бугарскиот претседател Петар Стојанов, оцени дека школата ќе изгради нови лидери од кои корист ќе имаат сите балкански држави кои ќе се справуваат со предизвиците на мигрантската криза и со терористичките напади кои се моментално најголемиот предизвик во историјата на ЕУ.
Еминентни предавачи од светот во наредните десетина дена ќе едуцираат 45 млади учеснци кои носат амбиции да го променат светот на подобро.
Овогодишниот тренинг започна со едноминутно молчење во чест на луѓето кои трагично починаа во скопското невреме. Учесниците организираа и хуманитарна акција со донирање пари на телефонскиот број отворен за таа намена. Школата за млади лидери е лична иницијатива на Иванов, која се организира од 2010 година наваму со учество на повеќе од 240 луѓе.
Анита Димитријевска
