Купчан на средби со лидерите на политичките партии

15.08.2016 16:09

Констатирано дека политичката криза трае предолго и дека е неопходно да се најде излез од актуелната ситуација преку одржување на избори на кои народот ќе им даде легитимитет на политичките претставници, кои имаат капацитет да ја вратат земјата на реформскиот пат и да се посветат на економскиот просперитет...

„До крајот на месецов да се завршат договорените процеси, да се пречисти избирачкиот список и да се обезбеди професионално известување на медиумите, за да се отвори патот за избор на техничка влада“ – ова е пораката што му ја пренесол претседателот на СДСМ, Зоран Заев на вишиот директор за европски парашања при Националниот совет за безбедност на САД, Чарлс Купчан. Според Заев, неопходно е да се спроведат реформите за во декември да имаме кредибилни избори.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се сретна со Купчан. Констатирано дека политичката криза трае предолго и дека е неопходно да се најде излез од актуелната ситуација преку одржување на избори на кои народот ќе им даде легитимитет на политичките претставници, кои имаат капацитет да ја вратат земјата на реформскиот пат и да се посветат на економскиот просперитет.

Груевски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ги почитува и ги реализира обврските преземени од меѓупартискиот договор и дека не постојат објективни услови за ново одложување на изборите и натамошно пролонгирање на кризата.

Купчан се сретна и со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Ахмети истакнал дека политичката криза може да се реши само преку сеопфатни, веродостојни и демократски избори. Ахмети истакнал и дека процената на крајот на август, за тоа дали се исполнети условите за одржување на изборите, ќе биде позитивна..