Македонија прворангирана по новоотворени работни места во Извештај на IBM
Земјава е рангирана на првото место во светот по бројот на новоотворени работни места, компаративно гледано со другите земји по глава на жител, во годишниот извештај на „Global Location Trends 2016 Annual Report”...
Република Македонија е рангирана на првото место во светот по бројот на новоотворени работни места, компаративно гледано со другите земји по глава на жител, во годишниот извештај на „Global Location Trends 2016 Annual Report”, објавен во aвгуст годинава од страна на „IBM Institute for Bussiness Value”, објави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на социјалната мрежа Фејсбук.
Покрај сите предизвици со кои што се соочуваше и соочува нашата држава на политички план и наметната политичка криза што со себе ги донесе и пропратните економски ризици, пишува тој, еве и една одлична вест за нашата држава.
Убедливо пред сите останати земји во регионот, Европа и Светот Република Македонија е рангирана на прво место глобално за 2015-та година согласно објавени нови работни места од директни странски инвестиции по глава на жител во годишниот извештај на „Global Location Trends 2016 Annual Report”, објавен во август 2016 година од страна на “IBM Institute for Bussiness Value”. Самиот институт укажува на тоа дека и малите држави може да бидат успешни и Македонија втора година по ред е рангирана на првото место во Светот, односно и за 2014 година согласно објавените нови работни места од директни странски инвестиции по глава на жител Македонија се најде на врвот на ранг листата на овој институт, пишува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
