Три лица од поплавените места згрижени на Инфективна клиника
Вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров, вели дека е направена дезинфекција и дезинсекција за да се спречи ширење на болести, ангажирани се патронажни тимови и екипи на брзата помош за следење на ситуацијата...

Тројца од поплавените места се згрижени на Инфективната клиника. Двајца се со ентероколит и еден со бронхопневмонија. Вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров, вели дека е направена дезинфекција и дезинсекција за да се спречи ширење на болести, ангажирани се патронажни тимови и екипи на брзата помош за следење на ситуацијата.
Одговорот на здравствениот систем во справување со поплавите е со околу 400 здравствени работници и соработници кои се ангажирани во регионот на кризата и кои постојано, односно 24 часа даваат здравствени услуги за сите оние на кои тоа им е потребно, изјави денеска Тодоров.
Според Тодоров патронажните тимови кои прават посета во куќите во поплавените подрачја, посетиле околу 2.200 лица, а ги посетуваат прво хронично болните, а потоа и останатите жители.
Лекови се обезбедени. Овде има и прирачна аптека. Достапни се сите лекови – инсулини, антибиотици, аналгетици, лекови за деца, за возрасни, за хиптертензии и се што е потребно за овој регион е обезбедено како лекарства. Доколку има некои лекови што не се чести за употреба, тие во истиот ден се обезбедуваат, истакна Тодоров.
