Финишира постапката за процена на оштетениот имот, се врши дезинфекција
10 дена од стравотното невреме во Скопско. Финишира постапката за процена на оштетениот имот, се врши дезинфекција. Армијата и КФОР побараа соработка од месното население, да не се фрла смет и шут за механизацијата побрзо да се пробие низ тесните улички. Над илјада војници и волонтери помагаат на терен во критичните места...

Армијата и волонтерите на КФОР бараат соработка со локалното население. Ѓубрето да не се фрла на улиците, за да можат машините за помош непречено да поминуваат.
„На оваа улица овде за 4 до 5 дена сѐ би требало да биде отстрането. Сега проблем е што луѓето од домовите ги фрлаат калта и ѓубрето на улиците што претставува пречка за движење на камионите. Овде работиме инженерци од КФОР од австриската и од швајцарската армија“, изјави за МТВ капетан Стефан Вебер, австриски контингент на КФОР.
Кал до домовите сѐ уште има, дури и најсофистицираните машини тешко ја црпат.
„Два саати овде работиме, не можеме да средиме, еден куп земја има, не можеме да ја исфрлиме. Вчера бевме тука во едни куќи, двете ги исчистивме“, вели еден волонтер.
Помошта пристигнува во Сингелиќ и во Стајковци, но проблематична е улицата „Алија Абдовиќ“ којашто ги поврзува овие две села.
„Доаѓа на крајот од Стајковци и на почетокот од Сингелиќ. На средината, помеѓу зоната каде што се наоѓаме, еве и комшиите можат да потврдат, тука ние не сме добиле помош“, вели еден жител.
„Имаме млад внук, тој се организира со другарите, дојдоа 10- 15 деца, расчистија, помогнаа тоа што беше до нив... им благодарам многу“, вели една жителка.
Додека екипата на МТВ ја документираше нивната тажна приказна, комби со помош дојде да им донесе храна, вода и средства за хигиена:
„Од детската градинка Распеана Младост, Карпош 1, ја донесовме собраната помош и од вработените и донации од родителите на децата, па дојдовме да ја поделиме.“
Повеќе од 600 војници и уште 400 волонтери на терен им помагаат на настраданите семејства.
Тешка механизација и денеска го расчистуваше ѓубрето кое се јави како последица од невремето кое предизвика катастрофа од несогледиви размери. Се чистеа дворовите и подрумите на куќите за да може да се изврши неопходната дезинфекција.
Претставници на институциите извршија увид во активностите за расчистување на селото.
„Околу илајда луѓе дневно да помагаат од куќа во куќа значи многу. Се уште сме на нивото на истата механизација од претходно и со ваков интензитет за многу брзо време ќе го исчистиме целосно Стајковци. Ситуацијата е значително подобрена“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
„Во зависност од потребите ние имаме од 600 до 650 војници на терен. Се координираме со цивилните структури“, рече министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
„Се гледа огромен прогрес од пред три дена, кога последно бев во Стајковци. Големи ќе бидат трошоците, меѓутоа мора да им се излезе во пресрет на луѓето, некои од нив изгубија буквално сѐ што имаат спечалено“, изјави премиерот Емил Димитриев.
Сите улици во Стајковци се проодни, а Комисијата за обештетување на терен ја пресметува штетата.
Анита Димитријевска
