Прва средба на ад хок телото
Прва средба на членовите на новоформираното ад хок тело за следење на балансираноста во известувањето на медиумите 100 дена пред избори. Ги подигнаа решенијата за именување. Петтиот член ќе се избере со консензус, треба да биде етнички Албанец...

Три члена на новоформираното ад хок тело на Агенцијата за aудио и aудиовизуелни услуги ги подигнаа решенијата за нивното именување, што беше и нивна прва средба од формирањето, усогласено со политичкиот договор од 20 јули. Еден беше оправдано отсутен. Слаѓана Димошковска и Цветин Чилиманов се предлози на ВМРО-ДПМНЕ, а Зоран Костовски и Горан Трпеноски на СДСМ. Тие, пак, до 23 август треба со конзензус да се договорат за петтиот член, кој според договорот треба да биде етнички Албанец. Ќе се избира на јавен повик, што ќе трае до недела.
„Сите заинтересирани ќе можат да се јават на тој повик, се разбира оние кои ќе имаат интерес да бидат дел од ова тело. Согласно рокот, ќе знаете кој е петтиот член, и кога ќе се состанеме, повеќе ќе можеме да кажеме околу тоа. Се разбира дека ќе бидеме најобјективни, нашата цел е да придонесеме за овој процес и подобрување на состојбата“, изјаив Слаѓана Димишковска, член на ад хок телото.
Политичкиот договор предвидува дека Советот на Агенцијата за медиуми ќе ги почитува препораките на ад хок телото во врска со балансираноста на известувањето во електронските медиуми во рок од 100 дена до изборите. Мандатот на членовите истекува со крајот на изборите. Периодите во кои ќе се оценува балансираноста на работата на електронските медиуми нема да бидат покуси од една недела, додека евентуалните казни се намалени за 50 насто. Во тек се подготовките на методологијата за следење на медиумите во предизборната трка која треба да биде усвоена на 26 месецов.
Милчо Велески
