Се санираат штетите во Општина Илинден
Се санираат штетите и во скопски Илинден. Во поплавите во оваа општина настрадаа 20 куќи и 7 компании. Нормализирано е снабдувањето со електрична енергија, трафостаниците се ставени под напон. Механизација и денес го расчистуваше теренот, се вршеше дезинфекција...

Седум компании и 20 домаќинства во Илинден претрпеле штети од невремето. Водата од дворовите и улиците е повлечена, но во воздухот се уште се шири реа. Војчо Јошевски повеќе од педесет години живее во оваа куќа, по вторпат поплава му го уништува домот.
„Пак истото ми се случи, има некои канали не се чистени, од Стајковци сета вода е дојдена. И самите се уверивте дека смрди, не можеме да живееме вака“, изјави Војчо Јошевски, жител на Илинден.
Уништени се и земјоделските посеви. Овој жител на илинден вели дека годинава нема да го гледаат на пазар каде што продавал домати и пиперки.
„Штети имаме во земјоделието, сѐ ни е поплавено, тоа повеќе не смееме да го користиме“, вели жител на Илинден.
Дел од куќите и подрумите биле под вода, па сега мака мачат со влагата. Многумина и не ги напуштиле домовите. Ќе треба време да им се врати животот во нормала. Секојдневно им се дели и хуманитарна помош.
„Со пумпи водата ја влечеа деноноќно... Дезинфекција имаше, просторот се дезинфицира, колку е безбедно да се живее треба екипа да дојде и да испита... Хуманитарна помош носеа, вода, млеко, пелени, па сега сме подобри, се надевам дека ова нема повеќе да се повтори“, велат жители на Илинден.
Од општината велат дека брзо интервенирале со механизацијата. Изминативе денови водата се црпеше со пумпи и цистерни. Се исчистија и одводните канали.
„Целиот канал дополнително беше прочистуван, со три големи машини, гасеничари и два багери, кои успеаја да се зафати водата низ општина Илинден, меѓутоа најголемиот удар го претпреа овие 20 домаќинства“, изјави Жика Стојановски, градоначалник на Илинден.
Од големото невремето настрадаа и објекти на компании во илинден.
Десет дена по невремето граѓаните во овој дел од општината Илинден и понатаму ги расчистуваат куќите и дворовите. Екипите на јавното комунално претпријатие вршат дезинфекција на терен, а вода се уште се испумпува од околните ниви.
Сунчица Николоска
