ДИК: Пријавени 6.181 граѓанин за регулирање на избирачкото право

17.08.2016 12:55

Овие лица се меѓу 39.502 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците во Избирачкиот список...

За регулирање на избирачкото право досега се пријавиле вкупно 6.181 граѓанин до Државната изборна комисија (ДИК). Овие лица се меѓу 39.502 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците во Избирачкиот список.

Од нив, 2.743 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 3.438 за пријавување ја искористиле веб-апликацијата на интернет страницата на Комисијата. Електронските пријави подлежат на дополнителни проверки од страна на Комисијата.

Најмногу пријавени има во општините Чаир-833, Сарај-471, Тетово-422, Куманово-415 и Кичево - 311.

Рокот за пријавување на граѓаните кои се наоѓаат на списокот со спорни записи завршува во петок на 19-ти август. Регулирањето на избирачкото право граѓаните ќе можат да го направат и за време на јавниот увид во Избирачкиот список пред изборите.