Хуманитарна акција на МНТ за помош на настраданите во поплавените подрачја

17.08.2016 14:09

Парите од сценските изведби ќе им бидат предадени на луѓето на кои најмногу им се потребни...

Со претстави и со стендап комедии, МНТ како театар на хуманоста и на солидарноста ја отпочнува акцијата за помош на семејствата во поплавените подрачја. Парите од сценските изведби ќе им бидат предадени на луѓето на кои најмногу им се потребни.

„Хуманитарната акција започнува со изведбата на стендап комедијата на Сашко Коцев по што во понеделник на сцената ќе биде изведена претставата „Не се клади на Енглези“. Во вторник на програмата е „Сомнително лице“, во среда „Свадбата на Фигаро“, на 12 септември „Брачна игра“, а на 17 септември премиерно ќе биде изведена претставата „Прекината одисеја“, а потоа следуваат и голем број на други активности“, изјави Дејан Пројковски, директор на МНТ.

Актерот Сашко Коцев во петок ќе ја забавува публиката со својата позната стендап комедија „Групна детоксификација“.

„Ова е мое стенд ап шоу кое помна низ неколку градови, а го играм веќе две години. Истото шоу, за оние што се од Скопје го играв во Станица 26, а тогаш продадовме две или три претстави“, вели актерот Сашко Коцев.

Хуманитарните претстави ќе се оддржуваат до средината на идниот месец.

„Се надеваме дека со овој наш мал гест ќе им помогнеме на оние луѓе на кои животот им се помести од основната оска, да се вратат во нормалата на живеење“, рече Тони Михајловски, уметнички директор на МНТ.

Со хуманитарни претстави за настраданите во невремето веќе излегоа Драмскиот и театарот „Фабрика“.

 

Анита Димитријевска