Најмлаку 10 загинати во поплавите во Луизијана, во Калифорнија беснеат пожари
Евакуирани се над 30.000 жители, а оштетени се 40.000 домови од поплавите во Луизијана. Поради огнената стихија која ја предизвика пожарот источно од Лос Анџелес, во опасност се над 34 илјади згради, во кои живеат речиси 83 илјади луѓе...

Бројот на загинатите од поплавите во американската држава Луизијана се искачи на десетмина. Евакуирани се над 30.000 жители, а оштетени се 40.000 домови.
„Се обидуваме да си помогнеме едни на други. Се превезуваме со ист брод на безбедно.“
„Не очекував дека нас ќе не погоди невремето“, велат жители од поплавените подрачја.
Гувернерот на Луизијана Џон Едвардс изјави дека овие поплави се најкатастрофалните во историјата на државата.
„Побаравме од луѓето да се евакуираат штом видовме дека расте нивото на водата. Не може да се даде предупредување пред да се увиди состојбата. Мислам дека реагиравме навреме“, изјави Џон Бел Едвардс, гувернер на Лузијана.
Американската администрација најави итно финансирање на државата што ја погоди невремето. Метеоролозите предупредија дека постои опасност од нови поплави, кои би зафатиле и други делови на САД.
А, во Калифорнија беснеат пожари. Огнената стихија која ја предизвика пожарот источно од Лос Анџелес се шири со голема брзина. 700-ни пожарникари се борат со пламените јазици.
Во опасност се над 34 илјади згради, во кои живеат речиси 83 илјади луѓе. Издадена е наредба за евакуација, а во државата е прогласена вонредна состојба.
Маријана Димовска
