АРМ одбележува 24 години од формирањето

18.08.2016 10:57

Како чинител за зачувување на мирот, на националните граници, за запирање на илегалната миграција, активно вклучување во справувањето со елементарната непогода во Скопско, Армијата уште еднаш го докажува високиот степен на реализација и при вакви комплексни задачи...

Исправена пред задачите за одбрана на националниот суверенитет и интегритет, но и за помош за загрозените во поплавените подрачја, Армијата на Република Македонија одбележува 24 години од формирањето во независна Македонија.

Како чинител за зачувување на мирот, на националните граници, за запирање на илегалната миграција, активно вклучување во справувањето со елементарната непогода во Скопско, Армијата уште еднаш го докажува високиот степен на реализација и при вакви комплексни задачи.

Пред Министерството за одбрана предмалку заврши централната манифестација посветена на Денот на Армијата на којашто говореа врховниот командант и претседател Иванов и министерот за одбрана Јолевски.

Претседателот Иванов ги одликува со Орден за воени заслуги Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при Армијата на Република Македонија.

Орденот за воени заслуги на двата баталјона на Армијата на Република Македонија им се доделува за исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, особено во справувањето со бегалската криза како глобален безбедносен предизвик, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Во пресрет на одбележување на Денот на Армијата, синоќа се одржа традиционалната почесна артилериска стрелба со истрелување на десет плотуни од артилериски орудија на артилерискиот баталјон на АРМ во касарната „Илинден“.

Делегации од Владата, Собранието, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ и други положија цвеќе пред Споменикот на Партизански гробишта, на вечните домови на поранешните претседатели и врховни команданти Борис Трајковски и Киро Глигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски и пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година.

Оваа година, Денот на АРМ се одбележува симболично поради трагичните настани со поплавите во скопскиот регион.