Честитка од Димитриев по повод Денот на АРМ

18.08.2016 12:18

Оваа година, чествувањето на 18 Август е целосно во духот на ангажираноста на Армијата за помош и поддршка на настраданите региони и жители од неодамнешните поплави во Република Македонија...

Премиерот Емил Димитриев упати честитка до началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и до припадниците на Армијата по повод 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија.

Оваа година, чествувањето на 18 Август е целосно во духот на ангажираноста на Армијата за помош и поддршка на настраданите региони и жители од неодамнешните поплави во Република Македонија. Дозволете да ја искористам оваа прилика да Ви упатам искрени честитки за ваквиот Ваш ангажман, да ја искажам мојата лична благодарност и благодарноста на Владата на Република Македонија, се вели во честитката од Димитирев.

Овие денови, се нагласува во честитката, се денови во кои уште еднаш се потврдува дека Армијата е тука секогаш кога е најпотребно, секогаш кога народот има потреба од својата војска, а околностите налагаат ангажман на најподготвените чувари на мирот и спокојот на нашите граѓани. Тоа не го може секој, тоа го можат само оние кои се одбрани и кои со срце и чест и служат на својата татковина. Вашата лојалност, пожртвуваност и посветеност за надминување на последиците од оваа природна непогода е од огромно значење во овој период. Бидете горди на таквата улога и секој граѓанин треба да биде горд и благодарен на припадниците на АРМ, се потенцира во честитката.

Премиерт Димитриев нагласува и дека денешниот ден е ден во кој не смееме да ги заборавиме сите оние кои загинаа и кои ги положија животите за својата татковина, за Република Македонија. Сите ние и се друго е минливо, но нивната жртва и нивните имиња ќе останат вечно да се паметат, стои во честитката.