Иванов: Да се води сметка за буџетот со кој располага АРМ
Големите предизвици со кои се соочува државата во последниот период покажаа дека АРМ останува гарант на безбедноста. Војската застана рамо до рамо со Европа и НАТО за да ги заштити границите. На годишнината од формирањето на армијата, претседателот Иванов рече дека мора да се води сметка за буџетот со кој располага војската...

Стекнатото знаење и искуството изминативе 12 месеци беа ставени на тест, но Армијата го положи беспрекорно. Истовремено ја чува јужната граница од напливот на мигрантите и им помага на граѓаните зафатени од поплавите, за што веднаш беа ангажирани 2.600 нејзини припадници со 200 возила.
АРМ останува гарант на мирот и безбедноста и кога е потребно ќе се ангажира при елементарни непогоди, но мора да се води сметка за нејзиниот буџет, рече претседателот и врховен командант Иванов, но тоа не можеда биде трајно решение,смета шефот на државата.
„Употребата на Армијата за справување со елементарните непогоди треба да биде исклучок, а не правило. Но, по сѐ исзгледа се дозволи исклучокот да стане правило. Затоа, денес сакам да упатам повик до надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и справување, да постапуваат согласно своите надлежности. Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси“, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите. Додека НАТО и ЕУ тешко се справуваа со мигрантската криза и со обезбедувањето на границите, ние се справивме со заканата, додаде македонскиот претседател. Армијата и полицијата го чуваат балканскиот коридор, а со тоа и Европа.
Сепак, во сложени геополитички услови, како што рече Иванов, сведоци сме на неодговорно блокирање на членството на Македонија во НАТО. Изградивме модерна и професионална армија, почитувана од граѓаните, потенцира министерот за одбрана Јолевски. Се вложува во опремувањето,образованието и во животниот стандард на нејзините припадници.
„Се гордееме со вашите постигнувања. Вие ја имате целосната поддршка на државното раководство и на граѓаните на Република Македонија за успешно извршување на вашите мисии. Убеден сум дека довербата во вас ќе биде мотив повеќе да продолжите да ги извршувате поставените задачи, доселдено и професионално, како што им доликува на припадниците на Армијата на Република Македонија“, рече министрот за одбрана, Зоран Јолевски.
Претседателот и врховен командант со орден за воени заслуги ги одликува инженерискиот баталјон и воената полиција за ангажманот во чувањето на безбедноста на државата и сугурноста на граѓаните.
Вицепремиерот Тодоров, министерот за труд и социјала Спасов, генералниот секретар на Црвениот крст Саити и неколку странски воени аташеа од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Величковски добија златни значки за партнерство и соработка.
Милчо Велески
