Почна трката за индекс: Расте интересот за техничките науки

18.08.2016 15:32

Редици пред студентските прашања. Голем е интересот и за техничките науки, но, традиционално, најбарани се општествените науки. Од Економскиот факултет на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ велат дека нивната квота е пополнета. Задоволителен број студенти и во државната и во квотата за кофинансисрање очекуваат и од Факултетот за електротехника и информатички технологии...

Универзитетите ги отворија вратите за студентите. Редици пред студентските прашања. Голем е интересот и за техничките науки, но, традиционално, најбарани се општествените науки.

„Мислам дека ова е најдобриот факултет на кој што можам да се запишам“, вели еден иден студент кој аплицира на Економскиот факултет.

„Најмногу ми оди еконмијата“, додава идна студентка.

Од Економскиот факултет на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ велат дека нивната квота е пополнета.

„Очекувавме дека и оваа година интересот за Економскиот факултет ќе биде како и изминатиот период. Според елекотронската евиденција и она што се случува утрово, веќе сме при крај со исполнување на државната квота“, изјави Предраг Трпески, продекан за настава на Економскиот факултет.

Поголеми квоти годинава добија дел од техничките факултети.

„Ќе се запишам на ФИНКИ, има математика, тоа ми оди“, вели една идна студентка.

„И средно учев стручно, а и од секогаш сум сакала да студирам тука“, додава друга.

Речиси 1.000 студенти ќе запише и Факултетот за информатика. Од оваа високообразовна институција велат дека тоа се должи на сѐ поголемиот интерес за оваа струка.

„Иднината од многу аспекти ја гледаат во програмирањето, бидејќи е интересна и динамична област која нуди многу можности, како во нашата земја, така и во светот, лесно се наоѓаат вработувања, има можности и за самовработување, имаат можности да креираат свои фирми“, вели деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев.

Задоволителен број студенти и во државната и во квотата за кофинансисрање очекуваат и од Факултетот за електротехника и информатички технологии.

„Оваа година имаме повеќе заинтересирани студенти, државните квоти полека се полнат“, потврди Христина Спасевска, продекан за настава на ФЕИТ.

На УКИМ има слободни 10.535 места. Износот за партиципација во државна квота е 200 евра, а од 100 до 400 евра за кофинансирање и за вонредни студии.

Почна трката за индекси. На УКИМ стартува првиот уписен рок, вториот е на 5-ти септември, а на факултетите каде што ќе останат слободни места ќе има и трет уписен рок.

Дијана Ценевска