Петгодишниот Омран- потсетник за ужасот кој не запира во Сирија

18.08.2016 15:36

Руските бомбардери уништија болница во Алепо. Загинаа 4 лица. Снимката од ранетото момче е само уште еден потсетник на ужасите кои не запираат во северна Сирија...

Четири лица загинаа во воздушен напад на руската авијација врз сирискиот град Алепо.  Снимката од повреденото момче предизвика уште поголем револт поради насилствата во северна Сирија. Лекарот што го лекувал петгодишниот Омран изјави дека детето е пратено дома откако му биле санирани повредите на главата. Од безбедносни причини, болниците во Алепо се со кодирани имиња. Досега се уништени 9 вакви објекти. 

Гранатираат продавачи на леб, цивили, нека им се одмазди Бог. Погледнете, насекаде има делови од разнесени луѓе“, велат жителите.

Населбата Рамуза е најизложена на бомбардирањата чија цел е да се затвори патот што го освоија опозициските сили пред десет дена. За нив не е изненадување тоа што руските сили добија зелено светло да дејствуваат преку база во Иран.

Русија и Иран имаат иста позиција. Тие се ортаци во убивањето на народот на Сирија, а и во поддржувањето на претседателот Асад. Нема причина да сте изненадени. Ова се претвори во игра“, изјави Абдул Џабал Акаиди, лидер на сириската опозиција.

Од руското Министерство за надворешни работи тврдат дека иранската база се користи исклучиво за борбата против екстремистите.

Не се врши ни продажба, ни достава, ни трансфер на воени авиони во иранската база. Тие се користат за антитеористички активности во Сирија и се одобрени од сириската влада со која соработува Иран“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворшени работи на Русија.

Конфликтот во Сирија почна пред 5 години. Мирните протести против претседателот Асад прераснаа во граѓанска војна во која загинаа над 250 илјади луѓе.