Допрва ќе се одлучува како ќе се делат средствата од фондот за солидарност
Над 700 илјади евра се собрани на жиро сметката на фондот за солидарност и преку телефонскиот број за донации. Акцијата за помош на настраданите од поплавите ќе трае до недела. Допрва ќе се одлучува како ќе се делат средствата, велат од Црвениот крст...

Над 700 илјади евра се собрани на жиро- сметката на Фондот за солидарност и преку телефонскиот број за донации. Средствата за настраданото население од поплавите нема да се трошат сѐ додека извршниот одбор не ги одреди критериумите за поделба, вели генералниот секретар на црвениот крст Саит Саити.
„Мора да биде јасно дека тоа се средства собрани од граѓаните и од фирмите, преку иницијатива на Црвениот крст. Истите ќе имаат намена согласно барањата. По направената проценка, значи мораме да имаме некој параметар или список на ограничен број на семејства кои ќе бидат проценети како оштетени, и тогаш веднаш ќе се пристапи кон распределба на средствата“, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст.
Во знак на солидарност, Црвениот крст во соработка со Архелошкиот музеј денеска организираше крводарителска акција. Околу 50 луѓе дадоа крв за да спасат нечиј живот.
„Треба почесто вакви акции да се прават, бидејќи крвта е потребна и ништо не не чини“, вели една крводарителка.
„Целта на оваа денешна крводарителска акција е и ние како установа од областа на културата да искажеме на еден начин солидарност, со погодените од неодамнешните поплави“, изјави Весела Честоева, директор на Археолошки музеј на Македонија.
Волонтерите на Црвениот крст на терен досега поделиле над 25 илјади пакети со помош. До сабота треба да бидат дистрибуирани околу 2.800 месечни пакети. На настраданите им се делат и душеци и ќебиња.
Од Црвениот крст велат дека сѐ уште пристигнува помош и од странски држави.
Сунчица Николоска
