ДИК: Досега пријавени 7.931 спорни гласачи, рокот истекува денеска
Рокот за пријавување истекува денеска во 19 часот, а електронската апликација ќе биде отворена до 24:00 часот...

Вкупно 7.931 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список се спорни, се пријавиле денеска до 12 часот до Државната изборна комисија (ДИК). Рокот за пријавување истекува денеска во 19 часот, а електронската апликација ќе биде отворена до 24:00 часот.
Од вкупно пријавените досега, 3.376 го направиле тоа во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 4.555 ја искористиле веб апликацијата на интернет страницата на ДИК.
По истекот рокот за пријавување на граѓаните, ДИК има на располагање 10 дена за да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи.
Ако не се пријават во предвидениот рок спорните гласачи нема да бидат запишани во Избирачкиот список, но ќе добијат можност тоа да го направат за време на јавниот увид на списокот пред парламентарните избори.
Пријавувањето на спорните гласачи почна на 26-ти јули. Тие имаа рок од 25 дена да се запишат на списокот на гласачи. Објавени беа имињата на 39.502 гласачи кои се сметаа за спорни во Избирачкиот список.
