Перо „Мускул“ сонува медал!
Зимските спортови им се во гените, скијачките скокови во крвта...

Зимските спортови им се во гените, скијачките скокови во крвта, последната деценија се конкурентни и во фудбалот, кошарката и ракометот, но Словенците се вистински на снег или високо на залетиштето. По Тина Мазе, Словенија има уште еден херој, наследник на Богдан Норчич, Примож Улага, Миран Тепеш, нов ски скокач од светска класа.
Петер Превц минатата сезона со резултати најави продор, оваа експлодираше, го зазема врвот во Светскиот куп, се промовираше како еден од главните фаворити за медали на Олимпијадата во Сочи. На 21- годишниот Превц му било предодредено да биде ски - скокач. Роден во Крањ како најстар во семејство со пет деца од кои двајцата браќа ги следат неговите стапки, Превц на девет години првпат се соочил со магијата на скоковите и оттогаш спортот на храбрите е негов живот.
Меѓу скокачката елита дебитираше со 17 години во сезоната 2009 / 10-та , веќе наредната беше тринаесетти на Новогоидшната турнеја, 2012-та ја заврши како 15-ти во генералниот пласман, минатата година првпат се искачи на подиумот освојувајќи го второто и третото место на својата Планица, додаде сребро и бронза од Светското првенство, беше прогласен за нјдобар спортист на Словенија. Оваа сезона веќе не е само талентиран скокач туку респектиран меѓу најдобрите. Причината е едноставна, резултатите. Четири втори места, едно трето и две победи, првата во Кулм, втората во Сапоро по која стана четвртиот Словенец лидер во историјата на Светскиот куп по Улага, Тепеш и колегата од репрезентацијата Роберт Крањец.
Со главната карактеристика, технички перфектни скокови, Перо „Мускул“ како што е неговиот прекар е подготвен и во Сочи со својот препознатлив стил како боди - билдер да го прослави остварувањето на сонот, олимписки медал.
