Ќе се проверува квалитетот на земјоделските производи од поплавените подрачја
Скопските пазари ќе останат без земјоделските производи од местата погодени од поплавите. Тимови на Државниот инспекторат за земјоделство ќе го утврдуваат квалитетот на градинарски производи кои би можеле да се консумираат. За оние за кои ќе се утвди дека се контаминирани, ќе бидат уништени...

Тимови на Државниот инспекторат за земјоделство ќе го утврдуваат квалитетот на градинарски производи од поплавените села кои би можеле да се консумираат или да се најдат на пазарите. Засега, од таму, без анализа нема да може да се изнесе ниту еден земјоделски производ. За оние за кои ќе се утвди дека се контаминирани, ќе бидат уништени.
„Формирани повеќе тимови составени од фитосанитарни инспектори кои ќе треба да ги посетат сите населени места зафатени од неодамнешното невреме, каде што ќе треба да се утврдат еветуални остатоци од градинарски производи кои што евентуално би можеле да се пласираат на пазарите. Доколку се констатираат остатоци од овие производи, ќе бидат земени примероци за анализа со цел да се утврди нивната безбедност при евентуална употреба. Секаде каде што ќе се утврди контаминација, тие производи ќе бидат соодветно уништени, со цел да се спречи ширење на истите“, изјави Цветан Трипуновски, Државен инспекторат за земјодеслтво.
Оние кои егзистираат од аграрот стравуваат како ќе почнат од почеток. Велат- не останало ниту за јадење, а не пак за продавање.
„Упропастено е сѐ. Ништо не остана, сега нема ни за нас, ќе купуваме од пазар за да носиме дома. Не ни остана ниту за јадење, немаме ниту едно пиперче или патлиџанче.“
„Уништени сме целосно, земјоделиоето 100%, куќата 100%, со три малолетни деца сме...“
„Од сега не знам каков ќе биде животот, давачките на државата како ќе ги плаќам, сѐ е уништено“, велат земјоделците од поплавените подрачја.
Земјоделците од поплавените подрачја за 10 дена ќе знаат дали ќе можат да почнат со есенската сеидба.
И скопско Црешево беше на удар на невремето кое се случи пред речиси половина месец. Последиците се сѐ уште видливи.
Паралелно со утврдувањето на штетите, продолжува и доставувањето на помошта. Хигиенски средства и бела техника во Црешево пристигнаа од вработените во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.
„Сите вработени од Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството заедно со управниот одбор, одлучија и оваа година, нешто слично како и лани кога се случија поплавите во Пелагонија, дел од своите лични примања да ги донираат за настраданите земјоделски стопанства во Црешево, Стајковци и Арачиново. Оваа година одлучивме да купиме хуманитарна помош во вид на хигиенски пакети и бела техника“, изјави Игор Златков.
Овие мајка и син, во поплавите го загубиле домаќинот. Благодарни се за помошта што им пристигнува:
„Им благодарам за помошта на сите, и на институциите и сите останати“.
Два дена пред истекот на кризната состојба, сликата во поплавените подрачја е променета. Се прават финални напори, животот да продолжи онаму каде што застана.
Дијана Ценевска
