Продолжува чистката на Ердоган

19.08.2016 15:27

Издадени се налози за апсење на 84 академици. Операцијата се спроведува во 17 провинции во Турција. Прием во Европската унија очекуваме до 2023-тата година, изјави турскиот амбасадор во Унијата, Јенел.

Турското јавно обвинителство издаде налог за апсење на 84 академици, поради сомнеж за поврзаност со исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кого властите во Анкара го обвинуваат за вмешаност во обидот за воен преврат во земјата на 15 јули. Во операцијата за апсење на осомничените, која се спроведува во 17 провинции, досега се приведени 29 академици.

Во масовната чистка на осомничените поврзани со пучисти беа отпуштени над 5.000 вработени во државните инститции, а околу 80.000 се времено суспендирани. Западните земји постојано ја предупредуваат официјална Анкара да го почитува владеењето на правото за да не ги загрози позициите во НАТО и преговорите за членство во ЕУ. На почетокот на месецов Австрија повика на прекин на преговорите поради недостиг од демократски стандарди. Кандидатскиот статус го доби во 1999 година, а преговорите ги почна во 2005-тата.

Турскиот амбасадор во Унијата Селим Јенел изјави дека земјата сака да стане дел од европското семејство до 2023 година, односно на 100-годишнина од основањето на Републиката и на модерната држава.

Датумот би се совпаднал со прославата на 100- годишнината од Турската Република, а би било одлично мојата земја тогаш да стане членка на Унијата“, изјави Селим Јенел, турски амбасадор во ЕУ.

Се проблематизираше и воспоставувањето на безвизниот режим за граѓаните на Турција, што предизвика реакција во Анкара која се закани дека нема да се придржува на договорот за бегалците и мигрантите. Според документот, Турција треба да им го блокира патот на сите мигранти кои од Блискиот Исток и од Азија одат кон западна Европа.