Иванов: На повидок втор мигрантски бран, постои опасност од насилно отворање на Балканскиот коридор
Претседателот, Ѓорге Иванов предупреди дека сѐ уште постои сериозна опасност од насилно отворање на Балканскиот мигрантски коридор. Соопшти дека на повидок е втор, помасовен мигрантски бран од Африка. „Добро се држевте, но, не смеете да се опуштите“- порача тој на одликувањето на припадниците на полицијата за досегашниот ангажман на јужната граница...

Точно една година од прогласувањето на кризна ситуација на дел од јужната граница, поради бегалската криза, што очигледно ја затекна Европската Унија неподготвена, рече претседателот Иванов. Полицијата и Армијата се ангажирани во справувањето со предизвикот и се покажа дека мора да се решава со помош и поддршка на безбедносните служби а не со политички декларации и бирократски процедури, додаде македонскиот претседател. За исклучителниот придонес во зачувување на македонските граници со орден за воени заслуги ги одликува Одделот за гранични работи и миграции и Единицата за обука и поддршка при МВР.
Како држава, на дело покажавме дека ги исполнуваме меѓународните обврски за хуман третман на бегалците, рече шефот на државата. Сепак, како што истакна, нема простор за опуштање.
„Долго време се соочувавме со некооперативност од страна на службите на нашиот јужен сосед. Иако добивме помош и поддршка од повеќе европски држави, се уште чекаме да ја видиме конкретната помош од ЕУ, чија безбедност ја чуваме. Сето ова се случуваше во период кога покрај длабока политичка криза, се соочивме и уште се соочуваме со закани од насилен екстремизам и тероризам. Досега добро се држевте, но не смеете да се опуштите. Заканата од илегалната миграција е се уште присутна. На повидок е нов, помасовен мигрански бран од Африка. Се уште постои закана од насилно отоврање на Балканскиот мигрантски коридор“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Во сложени геополитички и безбедносни услови, МВР и Армијата успеаја да одржат отворени, но добро контролирани граници. За 12 месеци се прифатени, транзитирале и излегле од државава над 760 илјади бегалци и мигранти, околу 22 илјади се спречени илегално да влезат во земјава и се процесуирани 80 кривични дела за нелегален шверц со мигрантите.
Министерот за внатрешни работи Чавков потенцираше дека полицијата останува гарант на безбедноста на државната граница. На јужната граница македонските полицајци со нивните колеги од неколку европски држави успешно се справуваат со предизвикот.
„Како во минатотот, така и во годините пред нас, македонската полиција ќе докаже дека има капацитет и сили да ја оправда и исполни својата уставна и законска обврска, да чува и штити во име и за сметка на грѓаните на Република Макеодонија“, рече министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Во годината кога се навршува четврт век од независноста, историјата не става пред голема проверка, беше речено на свеченоста. Од будноста, подготвеноста и професионализмот на безбедносните служби зависи колку успешно ќе одговориме на овој тест.
Милчо Велески
