Владата го зголеми фондот за авансно обештетување, донесе одлука тоа да почне веднаш

19.08.2016 16:20

Владата со одлука за зголемување на авансното обештетување. Планот е да почне веднаш. Поради исплатата, ќе се прави и нов ребаланс на буџетот...

По 30 илјади денари аванс за штетите ќе добие секое семејство што беше поплавено во невремето, најави премиерот Димитриев. Одлуката е донесена на последната владина седница. Сумата за авансното обесштетување од 1,5 е зголемена на 2,5 милиони евра, вели тој. Досега комисиите за процена на штетите посетиле 4 илјади семејства, за половина се обработени податоците.

„Исплатата на авансот за овие 1.950 семејства очекувам да започне уште во текот на денешниот ден. Сукцесивно како ќе бидат проценувани и обработувани податоците, очекувам до вторник да бидат исплатени авансно сите семејства со по 30 илјади денари“, рече премиерот Димитриев.

Поради обесштетувањата, владата донела одлука да направи нов ребаланс на буџетот. Димитрев вели дека така ќе се обезбедат две милијарди денари потребни за обештетување на поплавените семејства.

„Се работи за ангажирање на средства коишто сега ни се на располагање, а кои понатаму ќе ги надоместиме со средства од меѓународни институции под многу поволни услови“, рече премиерот Димитриев.

Средства за отштета на поплавените собира и Црвениот крст, а донации пристигнуваат и од странство.

 

Сунчица Николоска