Завршува проверката на податоците на спорните гласачи

19.08.2016 16:29

Истекува рокот за проверката на податоците на спорните гласачи. Личната евиденција во подрачните единици трае до 19 часот, а електронската до полноќ. До пладне се пријавиле 8.300 граѓани...

Гласачите кои што се најдоа на посебниот список на спорни записи, кој што произлезе од вкрстените и теренските проверки, можат да се пријават во подрачните единици на ДИК или електронски преку веб апликацијата уште денеска. Како што изјавија во ДИК, последните денови има нагорна тенденција на пријавување на избирачите.

Рокот за пријавување на 39.052 избирачи кои се најдоа на спорниот список беше 25 дена и почна од 26 јули. Ќе трае заклучно со денешниот ден. Потоа има уште еден рок од десет дена за дополнителни проверки на оние што се пријавиле, доколку тоа го побараат најмалку тројца членови на Државната изборна комисија.  

Оние избирачи кои не се пријавија во предвидениот рок според изборната регулатива ќе бидат избришани од избирачкиот список. За нив постои уште една моќност да го потврдат своето избирачко право додека трае јавниот увид непосредно пред одржувањето на вонредните парламентарни избори.

 

Игор Панов