Конзервираниот зеленчук претежно за извоз

30.01.2014 15:01

Македонските конзервни фабрики 2013 година ја завршуваат со раст од најмалку 20 проценти...

Македонските конзервни фабрики 2013 година ја завршуваат со раст од најмалку 20 проценти. Успешната извозна приказна на преработувачите се повтори и ланската сезона. Тие велат дека имаат континуиран раст на побарувачката на странските пазари. Претежно Европската унија, поранешните југословенски републики, но и прекуокеанските, Австралија, Канада и САД.
 
„Конзервираниот зеленчук дури 70 насто е наменет за извозните пазари. Последниве десет години ги пласираме на тие пазари со константен успех“, вели Драги Горгиев- од конзервна фабрика од Радовиш.
 
Со раст од 13,1 процент во декември минатата година,преработувачката останува на врвот на гранките кои го предводат целокупниот индустриски раст, кој последниот месец беше повисок за 9,5 насто. Иновацијата и одговарањето на префинетиот вкус на странците е првиот услов за загарантиран успех. Секоја година мора да се пласираат по неколку нови производи, децидни се стопанствениците.
 
„Се е пиперка и домат, но зависи каква пиперка и каков домат ќе понудиш на пазарот. Тоа што го бара пазарот и што го нудат врвните светски производители мораме и ние да го следиме, ако сакаме да опстанеме во континуитет на тие пазари“, додава Георгиев.
 
2013-та година заврши со индустриски раст од 3,2 проценти. Освен зголемувањето кај храната од 6,3 проценти, и 9 насто се регистрирани кај машините, алатите и автоделовите.
 
И странските потрошувачи уживаат во вкусот на македонските конзервни производи. Едно е сигурно, околу 46 милиони евра годишно влегуваат во домашниот буџет од извозот на ајварот, корнишоните и другите деликатеси.
 
Новинар:Катерина Давчева 
 
Снимател:Кире Пиличев