Почна исплатата на авансната помош
Завршува кризната состојба во Скопскиот и во Тетовскиот регион што траеше 15 дена од поплавените во овие подрачја. Граѓаните и денеска може да ги пријават деловните банки во Министерството за финансии каде што планираат да им биде исплатена авансната отштета од 500 евра. Според локалните власти на Гази Баба на некои од жителите веќе почнало префрлањето на средствата, што ќе продолжи и во наредните денови...

Почна исплатата на авансната помош на загрозените во неодамнешните поплави. Во секое село има пункт на кој граѓаните се информираат дали на нивната сметка пристигнала паричната помош. Парите ќе се префрлаат етапно во следниот период на сите загрозени семејства.
„Министерството за финансии ни подели списоци во кои со број, име и адреса може секој да се најде, и да знае во која банка може да ја подигне авансната помош. Парите се префрлени и затоа се дадени списоците. Кој го нема на список сега, како што се ажурираат списоците, така ќе добиваме информации, а сите луѓе ќе бидат опфатени“, вели Тони Бојковски, од Општина Гази Баба.
„Мене ми рекоа во вторник наутро дека ќе пуштат пари... Сега прашав тука од која банка да ги подигнам“, велат жителите кои ги анкетиравме.
Во регионите што беа зафатени од невремето и денеска се работи. Полицијата го регулира сообраќајот на влезот од Стајковци. И војската е таму. Дезинфекцијата во регионот продолжува.
Војската и полицијата се уште се присутни во поплавените региони. Во Стајковци се уште се работи под полна пареа. Се чистат домовите, се чистат улиците со тешка механизација, но и полавените ниви. Дел од оштетените граѓани, започнаа да ја добиваат помошта.
Кризната состојба заврши. Граѓаните благодарни за досега понудената помош.
„Војската најмногу помогна, секоја чест.“
„Јас сум презадоволен од војската, од државата, од вас, од волонтерите што доаѓаа, многу помогнаа сите.“
„Имаше доста помош, од секаде, имаше храна, јадење од црквите, сокови... чизми даваа, да се жалам греота е“, велат жители на Стајковци.
Хуманитарните донации и натаму пристигнуваат на оние на кои најмногу им треба.
Миле Ристески
