Американска делегација во посета на Турција поради можна екстрадиција на Ѓулен

22.08.2016 15:36

Американска делегација во посета на Турција поради можна екстрадиција на имамот Ѓулен. За неколку дена пристигнува и потпретседателот Бајден. Чавушоглу ја обвини Европа дека ја валка репутацијата на Турција само зашто не ја разбира опасноста од обидот за пуч...

Делегација на американското министерство за правда пристигнува во Анкара на дискусија за можна екстрадиција на имамот Фетула Ѓулен. Според турската влада, некогашниот сојузник на претседателот Ердоган стои зад обидот за воен удар од 15 јули. Ѓулен е на удар и поради тоа што водел таканаречени „паралелни структури“ во Турција коишто го поткопувале воспоставениот државен систем. Официјална Анкара побара негово испорачување од Соединетите Американски Држави, повикувајќи се на билатералниот договор за екстрадиција на лица поврзани со политички атентат. Но Вашингтон не попушта, бара цврсти докази за директна вмешаност на Ѓулен во пучот. За два дена во посета на Турција ќе пристигне и американскиот потпретседател Џо Бајден.

Западните земји ја предупредија Турција да го почитува владеењето на правото во мерките што ги презеде власта откако почнаа масовните апсења и суспендирања на сите осомничени поврзани со пучистите. Според министерот за надворешни работи Чавушоглу, репутацијата на земјата е извалкана зашто Европа не успеала да ги сфати сериозноста и опасноста од пучот. „Турските сили спречија воен удар, а со тоа ја зачуваа стабилноста во Европа“ додаде Чавушоглу на средбата со  Линас Линкевичиус, неговиот литвански колега.

„Турција секогаш давала значаен придонес за европската стабилност, за растот и безбедноста. За жал, некои земји го игнорираа ова. Европските земји не ја сфатија опасноста од пучот, или можеби не сакаа да ја разберат“, изјави Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Чавушоглу се заблагодари за поддршката од Литванија, изразувајќи жалење што многу други европски земји не го следеле нејзиниот пример.